Институт на македонски јазик

70 години Институт за македонски јазик

26.06.2023 13:30

Институтот за македонски јазик одбележа 70 години постоење. Млад кадар и повеќе средства за истражување остануваат приоритет. Државниот врв рече дека Институтот останува главен институционален столб за афирмација на македонскиот јазик...

Седум децении Институт за македонски јазик. Подмладување и повеќе средства за истражување и понатаму остануваат главна мака на оваа институција. Директорката вели институтот останува белег дома и во странство преку континуираните заложби за промовирање и афирмирање на посебноста на македонскиот јазик. На отворените денови што ќе траат до петок, зборуваше за сите важни јубилеи годинава.

„Во 2023 година одбележуваме, 80 години од првиот час на македонски јазик во селото Подвис кичевско, 90 години од раѓањето на нашиот колега и поранешен веде директор Мито Аргироски, 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, 120 години од погибијата на Гоце Делчев, 80 години од загинувањето на Кочо Рацин, 30 години од заминувањето на професорот Блаже Конески, 25 години од заминувањето на професорот Божидар Видоески“, изјави проф. д-р Елена Јованова-Грујовска.

Ректорот на УКИМ проф. Д-р Никола Јанкуловски, на одбележувањето како еден од неговите последни настани на кој се појавува во оваа функција, ги потенцираше залагањата на Институтот на македонскиот јазик.

„Во своето постоење Институтот за македонскиот јазик придружна членка на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје израсна во почитуван славистички центар и во еминентен центар за проучување на македонскиот јазик на сите рамништа“, проф. д-р Никола Јанкуловски-ректор на УКИМ.

Министерството за образование е ваш партнер во одржувањето на високото ниво на професионалноста и посветеноста за афирмација на македонскиот јазик во светот рече, заменик министерот, Агим Нухиу.

„Институтот и понатаму останува водечка научна институција во земјава која се грижи и негува македонскиот јазик. Верувам дека поткрепата која институтот ја дава на државата во изминатите 70 години е доволен доказ за посветеноста и негувањето на македонскиот јазик“, изјави Агим Нухиу – заменик министер за образование и наука.

Покажувајќи мапа на француски јазик печатена во Париз 1918 година во времето на мировните преговори во Версај, академикот Влада Урошевиќ го потенцираше идентитетот на државата, но и посебноста на македонскиот јазик.

 

 

Катерина Топалова