17-ти мај, ден на реката Црн Дрим

17.05.2014 12:17

Денес на 17-ти мај, Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора го одбележуваат денот на реката Црн Дрим.

Денес во Струга се одржа прослава по повод обележување на Денот на реката Дрим, која се организира истовремено во сите држави кои го делат Басенот на Дрим а тоа се Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора. Организатор е ЕД Грашница, со поддршка од Дрим Кор групата и Германското друштво за соработка како финансиер на настанот.
Реката Црн Дрим која извира од Охридското езеро во Струга е со должина од 56 км, а на самата река во нашата држава се формирани и двете акумулации и тоа Глобочица кај Струга и Шпиqе кај Дебар и со тоа водните капацитети на реката се искористени до максимум и таа претставува важен хидроенергетски потенцијал за Република Македонија. Двете хидроелектрични централи на Дрим произведуваат 580 киловат-часови електрична енергија годишно.
Во северниот дел на Албанија во близина на градот Кукс, Црн Дрим повторно заезерува заедно со реката Бел Дрим чиј извор се наоѓа во Косово. По утоката на Бел Дрим во Црн Дрим, реката тече се до вливот во Јадранското Море под едно име — Дрим.
 
Обележувањето на Денот на реката Дрим има за цел да ја истакне желбата на државите кои го делат басенот на Дрим да остварат прекугранична соработка, со цел заштита на водените ресурси и екосистемите. Прославата на македонска страна вклучува повеќе активности, како велосипедска тура, креирање, оценување и изложба на цртежи од ученици, изведба на еколошка претстава за климатските промени, настап на музички групи и др.
 
Јованчо Наумоски