Психијатриските болници во Скопје и Демир Хисар имаат сериозни недостатоци, предупреди Зибери
Персоналот во психијатриската болница „Скопје“ не може да воспостави ред во примањето терапија од пациентите. Омбудсманот Зибери, лани двапати бил во ненајавена посета на психијатриските болници во Скопје и во Демир Хисар. Персоналот во Бардовци се соочувал со закани и напади кои резултирале и со телесни повреди…

Ненавременото примање на терапијата, недостигот од соодветен кадар, материјални и хигиенски услови под стандардите, се дел од проблемите со кои се соочуваат психијатриските болница во Скопје и во Демир Хисар, посочи народниот правобранител во годишниот извештај по извршените 19 ненајавени посети на психијатриските институции, казнено поправните домови и полициски станици низ државава.
„Персоналот не може да воспостави ред, конфликтите меѓу пациентите се многу чести, забележани се физички напади меѓу пациентите, но и врз медицинскиот персонал, а нотирани се и чести бегства од неколку дена до неколку месеци“, вели Зибери.
Објектите се е во крајно лоша состојба, потребни се итни мерки за целосно реновирање, оценува народниот правобранител.
Според Зибери, двете болници имаат сериозни недостатоци и препорача, надлежните, особено Министерството за здравство, да преземе соодветни мерки. Тој истакна дека е крајно незадоволен од игнорантскиот однос на властите кон националниот превентивен механизам, преку континуирано кратење на буџетот со што ја доведува во прашање работата на Омбудсманот.
Ниту затворските одделенија во Идризово не се во подобра состојба. Генералната констатација е дека сè уште се присутни проблемите поврзани со прекубројноста на осудените лица. Затвореници немале ни по еден квадрат, каде што може да ја издржуваат казната. Во една просторија, со површина од 14 квадратни метри, сместени се 15 осудени лица, дел од нив спијат на душеци на подот, а другите на кревети на четири ката – рече Зибери и додаде дека, затворениците немаат соодветна здравствена заштита ниту пак можноста за ресоцијализација. За одредени погодности се пристапува кон мито и корупција и сето тоа создава висок ризик за меѓузатворско насилство.
Марина Стојанова Тонева
