Ниш

Маричиќ: Со меѓусебна соработка до членство во ЕУ и подобар живот на граѓаните

26.06.2023 15:45

Тој во својот говор кажа дека Европската Унија е многу повеќе од правно приближување и хармонизација на домашното законодавство со европското, укажувајќи дека ЕУ е и реални проекти кои го прават поквалитетно секојдневното живеење на граѓаните.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска во Ниш заедно со неговата српска колешка, министерката за европски интеграции, Тања Мишчевиќ, и евроамбасадорот во Србија, Емануел Жиофре, ја потпишаа првата алокација од новата ИПА прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Србија за 2021 и 2022 година, во вредност од 3,6 милиони евра.

Во своето обраќање вицепремиерот и Национален ИПА координатор Маричиќ рече дека потпишувањето на финансиската спогодба во рамките на Инструментот за претпристапна помош 2021-2027 година е резултат на добрата соработка меѓу двете земји и партнерството со ЕУ, која  како што рече Маричиќ „со ваквата финансиска поддршка ја дава вистинската слика на концептот и проектот на Унијата, дека ЕУ функционира за нашите граѓани преку конкретни проекти“.

Соработката на двете држави оди во корист на граѓаните. На овој начин за граѓаните од двете страни на границата обезбедуваме конкретни резултати, со кои им ги доближуваме европските стандарди и вредности и би ја одржале нивната доверба во процесот на интеграција во ЕУ, посочи Маричиќ.

Тој во својот говор кажа дека Европската Унија е многу повеќе од правно приближување и хармонизација на домашното законодавство со европското, укажувајќи  дека ЕУ е и реални проекти кои го прават поквалитетно секојдневното живеење на граѓаните.

Маричиќ додаде дека програмите за прекугранична соработка се европска успешна приказна, за која е потребна целосна мобилизација на сите, особено на граѓанското општество и локалните самоуправи, кои ќе дадат свој придонес во создавањето модерен, современ и европски регион и негова подобра перспектива.