Четиричлена комисија од Јавното обвинителство ги „чешла“ предметите поврзани со Мерко
Четиричлена комисија од републичкото јавното обвинителство врши надзор на постапувањето во предметите во обвинителствата во Струга и во Битола. Од таму за МТВ велат дека по целосните проверки на постапувањето, ќе биде изготвен извештај. По една недела молк, се огласи и струшкиот градоначалник. Ќе соработува со институциите и ќе ја достави потребната документација. Премиерот Ковачевски очекувал ваква реакција на Мерко. Вели-правосудните органи да си ја завршат својата работа…

Четиричлена комисија од јавни обвинители од Јавното обвинителство на РСМ денеска врши надзор на постапувањето во предметите поврзани со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко во ОЈО Струга и ВЈО Битола, под чие подрачје спаѓа и струшкото. По целосните проверки на постапувањето, Комисијата ќе изготви извештај, информираат од Јавното обвинителство.
Една недела откако струшкиот градоначалник Рамиз Мерко беше ставен на „црната листа“ на САД, денеска на својот Фејсбук профил објави фотографии со американската амбасадорка Агелер и најави дека ќе ја предаде секоја документација што истражните органи ќе ја побараат од него и од Општина Струга.
„Од Претседателот Вилсон па сè до ден денес, Соединетите Американски Држави се наш сојузник во секој предизвик и заедно реализиравме многу значајни проекти за државата, градот и граѓаните на Струга. Секогаш ја поздравувам и ја поддржувам континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга. По најновиот развој на настаните во врска со одлуката на американскиот Стејт Департмент, не сакав да комуницирам во корист на процесите, за кои ќе бидам отворен како и секогаш за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи. Од страна на институцијата Општина Струга, како и од моја страна, ќе ја доставувам навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација, бидејќи секогаш сум бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции. Притоа, во интерес на процесот, решив да ја замрзнам секоја активност во партиските структури до затворање на важните процеси за сите“, напиша струшкиот градоначалник.
Премиерот Димитар Ковачевски, вели очекувал ваков одговор од Мерко.
„Тоа што тој го избеседи сабајле јас всушност го бев кажал и првиот ден дека општината треба да биде веднаш на располагање, да бидат направени сите проверки. Добро е што Јавното обвинителство веќе формирало комисија којашто треба да го испита случајот и на таков институционален начин треба да функционира државата. Повторувам, Владата ниту е обвинител ниту е судија“, нагласи премиерот Ковачевски.
Инаку според евиденцијата на Јавното обвинителство против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко се поднесени шест пријави од повеќе здруженија и граѓани, за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Во струшкото обвинителство во почеток е и предистражната постапка по друг предмет од мај годинава. Против Мерко има и постапка по кривична пријава од група адвокати против три лица, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги, како и за предмет по анонимна кривична пријава за измама поврзана со експропријација на земјиште во Струга.
Мерко заедно со неговото семејство на 20-ти јуни беше ставен на „црната листа“ на САД, како што објави Стејт Департментот поради вмешаност во значителна корупција и мешање во судски и други јавни процеси.
Соња Рилковска
