„Струшки вечери на поезијата“ годинава под мотото „Чувствотворен јазик“
Фестивалот доби и нова веб-страница за дигитално архивирање на богатата историја...

„Струшки вечери на поезијата“ како еден од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали ќе се одржи и годинава, во вообичаениот термин, на крајот на август, од 24-ти до 28-ми август во своето автентично издание на препознатливите локации. Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи на вообичаената локација, платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата. Фестивалот доби и нова веб-страница за дигитално архивирање на богатата историја.
„Мотото на годинешниот фестивал е Чувствотворен јазик. Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик како јазик створен, односно создаден од чувства, но и јазик што создава чувства. Исто така сакаме да ја потенцираме моќта на поезијата да создава нови зборови и да ја менува, односно да ја збогатува нашата претстава за светот па во таа смисла таа е и чувствотворен јазик“, изјави директорот на фестивалот Тодорче Тасевски.
Еден од приоритетите е дигиталното архивирање. Служејќи како дигитална архива, веб-страницата ја зачувува богатата историја и обемните поетски колекции на СВП. Дигитализацијата на ваквите културни ресурси овозможува нова база на податоци за збирки поезија која е лесно достапна за публика на глобално ниво, изјави Сем Кенеди од името на компанијата Кенеди технолоџис.
