Странските компании го билдаат домашниот извоз

17.05.2014 15:06

Зголемен извоз, но и отворање нови работни места. Странските компании кои оперираат во зоните очекуваат зголемен обем на производство. Ова ќе значи и отворање нови работни места.

„Џонсон Мети“  за мај и јуни најавува рекорден извоз од Бунарџик. Зголемен е обемот на производство. Компаниите од зоните ја засилуваат продажбата во странство. Само во април,извозот од технолошко – индустриските развојни зони изнесувал 100 милиони евра.

„Вкупната контрибуција кон зголемување на БДП е нешто над 50 милиони евра, тоа е разликата меѓу нето-извозот и увозот, што значи дека имаме директна контрибуција кон зголемување на БДП, но и нови вработувања, бидејќи сите овие компании активно работат на зголемување на својот персонал“ - изјави Виктор Мизо, директор на ДТИРЗ

Во првите четири месеци од годинава, повеќе компании донесоа финални одлуки за инвестирање во земјава, а во моментов уште неколку ги скенираат потенцијалите на зоните.

„Во текот на изборната кампања беа најавени многу странски директни инвестиции кои, доколку се реализираат според предвиденото, ќе го поттикнат и економскиот раст“ – изјави Марјан Петревски, универзитетски професор

Виктор Мизо очекува годинава вредноста на извозот од слободните економски зони да надмине милијарда и 200 милиони евра.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во првиот квартал од годинава кај извозот од земјава е регистриран раст од 17, додека кај увозот 13 насто, со што покриеноста на увозот со извоз се искачи на 65,6 проценти. Компаниите од зоните го билдаат извозот. Само во првите четири месеци од годинава е регистриран раст од 80 проценти, а вредноста на производите кои завршиле на странските пазари достигна 350 милиони евра.