Путин им понуди три опции на членовите на „Вагнер“
Рускиот претседател Путин му се заблагодари на народот за единството во период на криза со паравојската „Вагнер“. И лидерот на групата, Пригожин, со нова аудио-порака во која го правда краткотрајниот бунт, во кој, според „Вагнер“, имало и жртви. Според САД, кризата со „Вагнер“ и Кремљ засега не ја менува ситуацијата на украинскиот терен...

„Непријателите на Русија направија погрешна калкулација, патриотскиот дух на граѓаните имаше одлучувачка улога“, порача рускиот претседател Путин во обраќањето до нацијата во коешто му се заблагодари на народот, но и војниците од паравојската „Вагнер“ кои спречиле, како што вели, „братоубиствено крвопролевање“.
„Денеска борците на „Вагнер“ имаат можност да продолжат да и служи на Русија преку потпишување на договор со Министерството за одбрана или другите агенции за спроведување на законот, или да се вратат кај семејствата и пријателите. Кој сака може да замине во Белорусија. Моето ветување ќе биде остварено. Благодарност и до претседателот на Белорусија, Лукашенко, за напорите и придонесот за мирно решение на ситуацијата“, порача рускиот претседател, Владимир Путин.
Иако бунтот траеше кратко, во него сепак имаше жртви. Руските медиуми известуваат дека неколку воени хеликоптери и авион биле соборени од страна на силите на „Вагнер“ при што загинале најмалку 15 лица. Во 11-минутна аудио-порака, лидерот на паравојската Пригожин тврди – во напад врз наш воен камп загинаа триесетина наши борци.
„Со нашиот марш сакавме да го спречиме уништувањето на „Вагнер“ и да ги изнесеме пред правдата многуте грешки во специјалната воена операција. Два големи фактори беа пресудни за промена на нашата одлука. Прво, не сакавме крвопролевање во Русија. Второ, марширавме да изразиме револт, не да ја протераме владата во нашата земја“, изјави Евгениј Пригожин, лидер на „Вагнер“.
Според САД, кризата со „Вагнер“ и Кремљ засега не ја менува ситуацијата на украинскиот терен.
„Прерано е да се шпекулира околу влијанието на настаните. Што и да се случи наредно, ние остануваме координирани со партнерите и сојузниците, продолжуваме да ја поддржуваме Украина. Украинските сили сè уште се борат за својата земја, се обидуваат да ја вратат окупираната територија. Она што се случи во Русија не ги смени фактите“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.
Локацијата на Пригожин е непозната. Несогласувањата меѓу „Вагнер“ и Кремљ ги ставија во неизвесност иднината на руските воени лидери, развојот на војната во Украина, но и политичката кариера на Путин.
Маја С. Филдишев
