МЗТ со Лирија, Работнички со Кожув
Само три дена по завршувањето на суперлигашката фаза, домашното кошаркарско првенство продолжува со разигрувањето за титулата. Полуфиналните двојки ги сочинуваат екипите коишто се судрија меѓу себе во вторникот и во средата, во последното коло од претходната натпреварувачка рунда.

Единствениот тим без пораз досега во шампионатот, ланскиот првак МЗТ Скопје Аеродром не калкулираше и за свој полуфинален противник во серијата којашто ќе се игра до две победи, ја одбра Лирија. Има намера да ја потврди неприкосновеноста и по кратка постапка да ја мине претпоследната пречка на патот кон одбрана на приматот. Без поголем напор ги доби двата меѓусебни меча, важи за апсолутен фаворит и овој пат, иако Лирија му даде силен отпор во февруарското финале на Купот во Охрид. Таа средба треба да биде опомена за актуелниот шампион да не ја сфати премногу лесно својата полуфинална обврска, но е показател и за неговиот скопски ривал дека има сили и способности да се надигрува со нашиот најдобар кошаркарски тим. Првиот полуфинален меч меѓу МЗТ и Лирија се игра од 19.30 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, со директен пренос на Собранискиот сервис на МРТ.
Половина час порано, во салата „Градски Парк“ во главниот град ќе почне средбата меѓу Работнички и Кожув. Нашиот најтрофеен клуб во вторникот токму преку тимот од Гевгелија ја обезбеди полуфиналната виза, а сега ќе настојува да стигне до завршната серија натпревари за шампионската титула. Работнички ќе ја има предноста на домашен паркет во евентуалната мајсторка, што значи дека Кожув ќе мора барем еднаш да се радува во Скопје, за да го повтори ланскиот дострел, кога со МЗТ се бореше за круната во финалето на плеј-офот.
