МНР

Спасовски на завршна средба на Националниот совет за родова рамноправност

27.06.2023 12:26

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на завршна средба: „Заедно до брзо решение на семејното насилство и насилството врз жените“, во организација на Националниот совет за родова рамноправност...

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на завршна средба: „Заедно до брзо решение на семејното насилство и насилството врз жените“, во организација на Националниот совет за родова рамноправност.

„Семејното насилство а во таа смисла и насилство врз жената, гледано во еден поширок контекст, спаѓа во групата на оние специфични индивидуални социо-девијантни феномени чијашто генеза е длабоко вткаена во низа економски, традиционални, културолошки, образовни, религиозни и други убедувања, предрасуди и предуслови напластувани низ времето и историјата на развој на општествата а коишто сè уште имаат суштински импликации врз персоналното сфаќање и поведение“, рече министерот Спасовски во своето обраќање пред присутните. Притоа, тој потенцираше дека заштитата, детекцијата и превенцијата од овој облик на криминал е и ќе биде и понатаму работа на координиран и слоевит меѓу институционален ангажман во кој не е исклучена ни конкретната партиципација на сите вонинституционални, граѓански фактори, како што всушност е и Националниот совет за родова рамноправност.


„МВР како дел од институционалниот систем во својата законска надлежност и обврска постапува по однос на секоја пристигната пријава за извршено семејно насилство; потоа во откривањето на сторителите и поткренување постапка против истите; во делот од заштита на лицата жртви на семејно насилство во рамки на истражна постапка; и последно но не помалку важно – преземање превентивни активности во насока на сузбивање на семејното насилство“, рече министерот Спасовски, со уверување дека Министерството за внатрешни работи не само во делот на своите законски обврски и надлежности, останува доследно и посветено да партиципира онаму каде што целта е искоренување на ваквите појави, заштитата на жртвите, бескомпромисното санкционирање на сторители, и креирање на општествен амбиент каде што секој граѓанин ќе се чувствува безбедно уживајќи ги своите човекови права и слободи.