МПЦ- ОА: Собирот в четврток не е против никого, туку против содржината на двата закона
Не сме против никого, но не смееме да дозволиме ваква манипулација преку носењето на двата закон. МПЦ за в четврток најави протест против законите за родова еднаквост и матична евиденција...

Црквата против законите за родова еднаквост и матична евиденција. Револтирани од неприфаќањето на ставот на верските заедници со кои ги изнесоа забелешките и последиците од овие закони МПЦ повикува на народен масовен собир во знак на протест. Епископот Јаков во име на Синодот на МПЦ – ОА појасни дека протестот е насочен против новиот контекст што му се дава на поимот род, против родовата компонента која што е застапена во Предлог-законот за родова еднаквост и според нив се злоупотребува на експлицитен начин во Предлог-законот за матична евиденција.
„Како црква имаме впечаток дека се исинстира да се продолжи постапката и законите да станат официјално формални законски решенија во нашето општество со нивната целокупна содржина. Сакам да потенцирам дека овој собир кој што го организира македонската православна црква не е насочен према никого туку е насочен, исклучиво против содржината на овие предлог закони“, вели г. Јаков – епископ Стобиски.
Иако епископот Јаков се огради од какви било партии или евентуални етикети на собирот, ја поздрави последната партиска одлука на СДСМ.
„Што се однесува на одлуката на извршниот одбор на Социјал- демократскиот сојуз е за поздравување иако тоа е партиска одлука сега се на потег сите механизми на Владата и да видиме како ќе се произнесе Владата“, вели г. Јаков – епископ Стобиски.
Во видеообраќање и поглаварот на МПЦ – ОА г.г. Стефан повика на масовност, зашто, како што рече дека имаме обврска она што сме го наследиле од нашите предци да го продолжиме и да им го оставиме на поколенијата. Со тоа, тој рече, дека не само што го чуваме минатото обезбедуваме иднина на општо-човечката заедница.
Двата закони за кои црквата, но и останатите верски заедници остро негодуваат е тоа што предвидуваат промена за ознака на пол со изјава која би се базирала на чувства на поединецот. МПЦ-ОА рече дека учествува во јавните дебати и дискусии зашто мора да остане коректив на совеста на општеството.
Катерина Топалова
