македонија

Спасовски: Законот сè уште е во владина процедура, потребна е широка општествена дебата

27.06.2023 14:38

Законите не се влезени во владина процедура, потребна е широка општествена дебата – вели министерот Спасовски. И претседателот на Собранието воздржан во однос на прашањето за измените во Законот за родова еднаквост...

Широка јавна дебата и консултации со сите засегнати страни, за Предлог – законот за родова еднаквост, очекува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а со цел доаѓање до решение во интерес на целото општество. Дури потоа Предлог - законот ќе ги помине владините и собраниските филтри.

„Законот сè уште не е влезен во владина процедура, така да јас сметам дека треба да се отвори широк дијалог во однос на овој закон и на крајот да ги постигнеме или добиеме очекувањата на општеството. Кога ќе се затвори целосната дебата, тогаш законското решение може да оди во владина и собраниска процедура“, изјави министерот Спасовски.

И претседателот на Собранието воздржан во однос на прашањето за измените во Законот за родова еднаквост. На брифингот со новинарите го сподели своето размислување.  Ако е за Европа, ова е последното што треба да го направиме – рече Џафери.

И додека владините претставници бараат јавна дебата за законите кои ја брануваат јавноста и велат дека истите не се ниту во владина процедура, собранискиот спикер категоричен – во моментов кај него се доставени само предлог измените.

„До мене се стигнати Предлог- законот, и стојат Предлог - законот, во меѓувреме кога и да има доставено барање соодветно ќе се постапи“, изјави Талат Џафери.

Владејачката партија, по состанокот на Извршниот одбор соопшти дека Предлог - законот за матична евиденција е повлечен од собраниска процедура уште во март минатата година со цел да се направи дополнителна консултација.

 

Марина Стојанова Тонева