Одморот на пратениците може да биде прекината во август поради уставните измени
„Не сакам ни да помислам дека самите може да се блокираме на патот кон ЕУ“, коментира претседателот Пендаровски. Спикерот Џафери вели, Собранието е подготвено, се чека сигнал од Владата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од Брисел порача – уставни измени под бугарски диктат нема да има...

„Не сакам ниту да помислам дека самите себеси може да се блокираме на патот кон Европската унија“, вели претседателот Стево Пендаровски, коментирајќи ги уставните измени.
За најмногу две недели, вели тој, амандманите би требало да го минат владиниот филтер и да влезат во собраниска процедура.
Феријата на пратениците лесно може да биде прекината во август, поради уставните измени. Спикерот Џафери вели дека нема конкретна најава од Владата, кога измените ќе влезат во собраниска процедура, но Собранието е подготвено да расправа, а пратениците се известени дека одморот може да им биде прекинат за дебатирање и гласање на потребата од носење измени во највисокиот државен акт.
„Членовите на Владата наместо да работат за државата, ја кодошат опозицијата кај европските челници да вршат притисок врз нас, да ги прифатиме уставните измени“, изјави во Брисел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков договор којшто ќе биде под бугарски диктат. Тоа е основната и суштинската порака, што овде во Брисел ја пренесовме“, потенцира Мицкоски.
Мицкоски и во Брисел посочил дека избори се потребни во земјава што побргу бидејќи целото општество, како што вели тој, чувствува притисок поради неспособноста на Владата.
Миле Ристески
