Пендаровски: Добрососедски односи и интеграција во ЕУ- главни цели на македонското претседавање со ПСЈИЕ
Приоритети на македонското претседателство со процесот за соработка во Југоисточна Европа се решавање на отворените прашања во регионот преку дијалог, градење доверба и интеграција во Европската унија, истакна претседателот Пендаровски при преземањето на претседателство од Црна Гора во претседавач со процесот за соработка во Подгорица...
Претседателството на Северна Македонија со процесот за соработка во Југоисточна Европа под мотото „Премостување на поделбите, градење на доверба“, ќе се фокусира на принципите на оваа иницијатива за добрососедски односи, стабилност, безбедност и интеграција во Европската унија, истакна претседателот Пендаровски на преземањето на претседателството во Подгорица. Посочи дека како земја која направи компромиси внатре и со соседите сме квалификувани да работиме на решавањето на нерешените прашања во регионот.
„За време на нашиот мандат ќе вложиме максимални напори преку дијалог и меѓусебно разбирање и почит, да ги искористиме сите можности и дојдеме до поголема регионална стабилност и просперитет. Владеење на правото, промоција на човековите слободи и права, а особено борбата против корупцијата ќе бидат меѓу приоритетите во нашата агенда. Исто така и енергетската безбедност на Југоисточна Европа, трансевропските коридори и културната размена меѓу народите. Клучен предуслов за напредок и демократија во регионот е неговата интеграција во Европската унија“, изјави Стево Пендаровски.
Шефовите на држави, влади, дипломатии од земјите членки на иницијативата за соработка во Подгорица потпишаа Декларација за продолжување на напредокот кон ЕУ и просперитетот во регионот.
„Црна Гора ќе продолжи да игра активна и конструктивна улога во сите регионални иницијативи, вклучувајќи ја и оваа, сега во капацитет на член на тројката која ја сочинуваат претходното, актуелното и идното претседателство, односно Подгорица, Скопје и Тирана“, изјави Јаков Милатовиќ, претседател на Црна Гора.
Земјите членки на процесот за соработка во југоисточна Европа уште еднаш дале поддршка за Украина и за поголема отпорност на последиците од оваа војна.
Ирина Гелевска
