Ѓоргиевска домаќин на тематската дискусија „Да ја отпакуваме Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост“
Истакнувајќи дека денешната дискусија е во насока на јавна поддршка за лицата со попреченост, Ѓоргиевска рече дека истата е и можност за почеток на вистински промени.

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска учествуваше и се обрати на втората тематската дискусија „Да ја отпакуваме Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост по однос на правото на независен живот на лицата со попреченост“ што се одржа во Кабинетот на претседателот во организација на Канцеларијата на Програмата за развој на Обединети нации во Северна Македонија- УНДП.
Истакнувајќи дека денешната дискусија е во насока на јавна поддршка за лицата со попреченост, Ѓоргиевска рече дека истата е и можност за почеток на вистински промени.
Според сопругата на претседателот, во „Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост“ која Северна Македонија ја ратификуваше во 2011 година, како основни начела се наведени постулатите на вистинско праведно и инклузивно општество, за кое се залагаме и ние. Таа додаде дека, за жал, многу од овие начела не се сè уште постигнати, а тоа го потврдува и Анализата на состојбата со правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија, направена во 2021 година од агенциите на ОН во земјава и локални експерти од областа.
„Воочлив е и нерамномерниот напредок кога станува збор за правата на жените и девојчињата со попреченост. Нивните права се составен дел од пошироката борба за родова еднаквост и социјална правда. Би сакала да се осврнам на двојната маргинализација во нивниот случај. Секако не се мали предизвиците со кои се соочуваат и дополнително се соочуваат и со предизвиците поврзани со родовата нееднаквост. Реалност која често останува под слоевите на дискриминација и недостаток на емпатија“, нагласи Ѓоргиевска, додавајќи дека наша обврска е да го заштитиме правото на еднаквост, да ги разобличиме предрасудите и да создадеме амбиент во кој маргинализираните и ранливите нема да бидат заборавени или игнорирани.
