Два клуба, една виза!
Вардар или Шкендија во Европа? Тоа е последното прашање во нашето фудбалско друштво.

Триумфот на Работнички во првенството и во купот отвора простор и за четвртопласираниот да оди на меѓународната сцена.
Покрај Работники, во евро-куповите ќе не претставуваат и Турново и Металург. Ним ќе им се придружи Вардар доколку слави на гостувањето во Штип кај Брегалница, или пак, со кикс на Шкендија дома против Пелистер. Тетовскиот клуб има бод помалку од црвено-црните, па треба да ги совлада битолчани и во исто време да чека кикс на Вардар. Само во таква ситуација Шкендија ќе обезбеди учество во квалификациите од УЕФА Европа лигата. Без оглед на резултатите од 33-тото коло, во втората лига ќе се преселат Еуромилк, Македонија Ѓорче Петров, Напредок и Гостивар.
Од утрешните средби, Македонската телевизија ќе ви ја прикаже онаа во Штип меѓу Брегалница и Вардар, на Првиот канал од 15 часот.
Покрај натпреварите Брегалница – Вардар и Шкендија – Пелистер, во завршната рунда од Првата лига ќе играат и: Турново – Работнички, Напредок – Ренова, Македонија – Металург и Еуромилк – Гостивар.
