Повеќемина загинати во руски напад на Краматорск
Руски напади во источно-украинскиот град Краматорск. Погодени се ресторан, трговски центар и околните згради. Десетици луѓе загинаа, меѓу нив и деца...

Најмалку осум луѓе загинаа, од кои три деца кога руски ракети го погодија Краматорск, источна Украина. Погодени се ресторан и трговски центар. Повредени се над 50 луѓе. Спасувачките операции беа привремено прекинати, поради постојаните закани од ракетни напади.
„Руските окупаторски трупи го погодија центарот на Краматорск. Погодено е кафуле. Сите служби работат. Државната служба за вонредни состојби, полиција, тим за болници, воена управа. Формиравме кризен центар со кој претседава шефот на регионот. Во тек е акцијата за пребарување и спасување за пронаоѓање на сите повредени“, изјави полицаец од ЕБУ.
Украинскиот претседател Зеленски го осуди нападот. Рече дека украинските сили постигнале напредок во сите правци и забележале важни резултати во одбивањето на руските напади.
„На годишнината од нападот на руските терористи врз Кременчук, во трговскиот центар, кога загинаа 22 лица, руските дивјаци повторно истрелаа проектили кон таа област. Брутално го гранатираа Краматорск. Загинаа три лица, меѓу кои и едно дете. Моето сочувство до семејствата и пријателите. Урнатините се расчистуваат. Секоја таква манифестација на терор ни докажува одново и одново нам и на целиот свет дека Русија заслужува само едно нешто како резултат на сè што направи – пораз и трибунал, фер и законски судења против сите руски убијци и терористи“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски рече дека разговарал со американскиот претседател Бајден и со норвешкиот премиер Сторе и им се заблагодарил за поддршката пред Самитот на НАТО во Вилнус.
Краматорск, еден од најголемите градови на истокот кој е под контрола на Украина, често е мета на руските напади од почетокот на војната. Во април лани загинаа над 60 луѓе на железничката станица.
Во меѓувреме руското Министерство за одбрана објави снимка на која наводно се гледаат падобранци како го уништуваат упориштето на украинската армија кај Бахмут.
Марина Ристова
