МВР

Спасовски денеска на логорување во Лазарополе заедно со студентите од Факултетот за безбедност како дел од Отворените денови на МВР

28.06.2023 13:46

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководството на МВР, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, проф. д-р Игор Неделковски, деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, проф. д-р Никола Дујовски, проректорите, професорите и претставници од Амбасадата на САД и Мисијата на ОБСЕ го посетија Кампот за обука на МВР во Лазарополе каде што студенти од Факултетот за безбедност – Скопје, реализираат практична настава – логорување...

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководството на МВР, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, проф. д-р Игор Неделковски, деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, проф. д-р Никола Дујовски, проректорите, професорите и претставници од Амбасадата на САД и Мисијата на ОБСЕ го посетија Кампот за обука на МВР во Лазарополе каде што студенти од Факултетот за безбедност – Скопје, реализираат практична настава – логорување. Притоа, министерот Спасовски, деканот Дујовски и ректорот Неделковски имаа свое обраќање пред студентите, а од страна на студентите беше реализирана показна вежба.

„Токму пред три месеци започнавме со Отворени денови на МВР за студенти, ученици и граѓани со цел запознавање со процесите каде се креира и реализира безбедноста на граѓаните и државата. Тогаш, пред деканот и студентите на Факултетот за безбедност ја презентирав идејата за креирање на правна рамна за соработка помеѓу министерството и Факултетот со која МВР ќе преземе обврска секоја година да бидат вработени одредена бројка на најдобрите дипломирани студенти со цел зголемување на капацитетот на МВР. Во оваа прилика, ве информирам дека во МВР веќе е отпочната постапката за вработување на најдобрите студенти од Факултетот за безбедност со кои во текот на утрешниот ден ќе имам работен состанок“, рече министерот Спасовски, охрабрувајќи ги студентите да работат на нивното образование со цел да бидат бескомпромисен столб на нашиот безбедносен систем и гарант на мирот, стабилноста, демократијата и на владеењето на правото во општеството.

Од страна на ректорот Игор Неделковски беше истакната пофалба за организација на кампот, при што тој рече:

„Соработката на Факултетот за безбедност и на целиот Универзитет, како и со државните органи, пред сè со МВР, е од клучно значење. Овој камп кој се реализира во наредната недела е пример за добра пракса на практична обука, нешто што постојано се повторува дека недостасува во високото образование. Се надевам со стекнатите вештини по дипломирањето ќе бидете оспособени за работа во МВР или други безбедносни институции“, истакна ректорот Неделковски.

Истакнувајќи ја врвната соработка помеѓу МВР и Факултетот за безбедност, деканот Никола Дујовски рече:

„Денеска сме заедно со најблиските пријатели, министерот Спасовски и тимот, со кои работиме на унапредување на безбедноста во државата, да ги посетиме студентите од Факултетот за безбедност, кои се всушност 13-та генерација која посетува обука за логорување. Драги студенти, да ги носите спомените цел живот и да ги учите практичните аспекти на професијата полициски службеник. Во оваа прилика упатувам благодарност до Единицата за обука и поддршка и Одделот за специјални полициски операции. Секако благодарност до министерот Спасовски за поддршката – би истакнал дека кога министерот Спасовски дојде на чело на МВР, до тогаш имаше 500 невработени дипломирани, бидејќи до тогаш не беа приоритет за институциите. Денеска невработени дипломирани се помалку од 100 благодарение на соработката со МВР и континуираните конкурси“, рече Деканот Дујовски.

Воедно, министерот Спасовски, заедно со присутните гости и студентите од Факултетот за безбедност се дружеа на студентски логорски кафе и ручек, каде што од страна на Офицерот за безбедност при Амбасадата на САД, Мајкл Кернс, како и од Шефот на Оддел при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Јурај Смолек, беше изразено задоволство од долгогодишното партнерство и соработка со МВР, а особено беше истакната благодарност за соработката од страна на министерот Спасовски.