Масовни протести во Париз откако полицајци убија тинејџер
Масовни протести во Франција по убиството на тинејџерот кој беше усмртен при полициска проверка. Младиот човек по потекло е од Алжир наводно ги прекршил сообраќајните правила. Полицаецот е уапсен, а околностите под кои се случило убиството се нејасни.

Франција ги зголеми мерките за безбедност и полициското присуство во Париз и поголемите градови по насилствата кои избувнаа по смртта на 17-годишниот доставувач кој беше убиен од полицијата при проверка. Според адвокатот на семејството на момчето, тој одбил да го запре возилото по што офицерот отворил оган. Патник во возилото беше накратко приведен, па ослободен, а полицијата трага по уште еден кој е во бегство.
„Ова е многу сериозно прашање. Снимката јасно покажува како полицаец ладнокрвно застрелува момче. Полицаецот кој пукаше е во притвор. Се надеваме дека работите ќе продолжат на смирен начин, но ќе бидеме внимателни. Ова е случај на домашно убиство и немаше самоодбрана“, изјави Јасин Бурзу, адвокат на семејството на убиеното момче.
Француското МВР потврди дека се уапсени триесетина лица. Во нередите се повредени 25 полицајци, а 40 возила беа опожарени за време на протестите. Распоредени се 1.200 офицери, се очекува уште 2.000 да стигнат во Париз. Владата на вонреден состанок за наредните чекори.
„Убија тинејџер, необјасниво е, нема оправдување. Ова го кажувам со сочувство, ја делиме тагата, поддршката за неговото семејство и блиските. Случајот е предаден на судовите, се надевам ќе си ја завршат работата со потребната брзина и смиреност за да ја кажеме вистината што е можно поскоро“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
„И ние и народот ги видовме шокантните снимки од полицаецот кој пукаше, при што загина ова младо момче. Сочувство до неговото семејство. Министерството за внатрешни работи и полицијата сакаат да ја откријат вистината што е можно поскоро. По драмата која не може да се опише со друг збор, видовме насилство низ градовите коешто јас го осудив“, изјави Жералд Дарманин, министер за внатрешни работи на Франција.
„Министерот за внатрешни работи изјави дека е почната кривична постапка. Еден полицаец е приведен, се води истрага за убиство. Како што рекоа од МВР, сакаме правосудниот систем да комуницира со нас кога ќе заврши притворот. Сакаме и разбираме дека постои потреба од одговори и сакаме да ни бидат дадени со целосна транспарентност кога ќе имаме конкретни елементи. Повикуваме на смиреност во оваа деликатна ситуација“, изјави Оливие Веран, портпарол на владата на Франција.
Во последните години, при полициска интервенција загинале неколкумина по што народот почна да бара поголема одговорност. Франција се соочи и со бран протести против расна дискриминација и други неправди по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд во Минесота пред неколку години.
Маја С. Филдишев
