ЈО со вонреден надзор за заведените предмети против струшкиот градоначалник Мерко
Од Јавното обвинителство извршиле вонреден надзор за заведените предмети против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во обвинителствата во Струга, Битола и во Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Од ВМРО-ДПМНЕ велат, стружани не биле изненадени што Мерко се нашол на „црната листа“ на Стејт департментот...

По завршувањето на проверките, Комисијата во случајот Мерко, ќе подготви извештај со насоки за постапувањето во конкретните предмети, дополнуваат од Обвинителството.
„Јавното обвинителство информира дека Комисијата задолжена да изврши вонреден надзор на заведените предмети против Рамиз Мерко, градоначалник на Општина Струга, извршила увид во сите завршени и предмети во работа против ова лице, но поради обемноста на преземените дејствија и сложеноста, како што велат, дел од предметите сè уште детално се проучуваат и се анализираат“, велат во обвинителството.
Ова следува по објавената евиденција на предмети на Јавното Обвинителство против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој се најде на „црната листа“ на САД поради корупција и мешање во судски процеси.
Мирче Аџиоски од ВМРО ДПМНЕ за скандалот со Мерко оцени дека стружани не се изненадени. Според него во Струга најмногу се чувствува заробената држава, во која живеат откако ДУИ ја презеде власта во општината, посочи Аџиоски.
Министерот за внатрешни работи, Спасовски за конкретниот случај со истрагите за струшкиот градоначалник Мерко, веќе изјави дека полицијата како институција е подготвена да постапува според сите наредби добиени од обвинителството. Ние дадовме многу конкретни информации во однос на предметите кои се водат од страна на Јавното обвинителство во делот на овие постапки, дополнува Спасовски.
Игор Панов
