Пендаровски: Австрискиот амбасадор има право да штити интереси на австриски компании
Не станува збор за мешање во внатрешните работи, туку легитимна обврска на секој амбасадор да ги штити интересите на приватните бизниси на граѓаните од неговата држава, вели претседателот Пендаровски. Евроамбасадорот Гир не сакаше да го коментира случајот…

Претседателот Пендаровски вели дека барањето на австрискиот амбасадор Георг Вуцас е легитимно оти има право да штити интереси на австриски компании коишто инвестираат во земјава. Вуцас, со писмо до Судскиот совет побарал да се отстранат сите неспособни и пристрасни судии и обвинители, како и да им се укинат лиценците за работа на нотари и извршители кои не можат да наплатат долг од 4,5 милиони евра, што македонска компанија го има кон австриски инвеститор во земјава.
Евроамбасадорот Гир не сака да коментира судски случај, но посочи дека амбасадорите се во земјава за да промовираат позитивна средина за инвестиции.
По реакцијата на австрискиот амбасадор, за неможноста да се наплати долг кон австриска компанија и од ВМРО-ДПМНЕ велат дека меѓународната заедница реагира и за други судски случаи.
Судскиот совет формирал комисија за да ги истражи наводите на австрискиот амбасадор, во Судот и Обвинителството во Гевгелија и Апелацискиот суд Скопје. По завршениот увид ќе подготви извештај за случајот. Од судски потенцираат, контролата на одлуките на пониските судови ја врши повисокиот суд.
Ирина Гелевска
