Револт кај сопствениците на парцелите за градба на битолската локација „Златен рид“
Голем револт кај сопствениците кои пред 11 години купија парцели, платија данок и комунални такси за парцелите во најавуваната како елитна населба „Златен Рид“ во старата битолска касарна. Прашуваат каде се нивните платени комунални средства во висина од околу 1.000.000 евра и зошто општинските власти приоритет им даваат на многу понезначителни инфраструктурни проекти. Доколку продолжи игнорантскиот однос најавуваат колективна тужба...

Наместо елитна населба урбана џунгла. И по 11 години од купувањето на парцелите и плетените комунални давачки во висина од околу 1.000.000 евра проектот АРМ 2 тапка во место. 40-тината сопственици на парцелите сè уште не можат да започнат со градба на станбените објекти.
Револтот е голем поради тоа што сè уште не е изградена основната патна делница од 1,7 километри, игнорантскиот однос на општината и тоа што не знаат каде се пренаменети нивните уплатени комунални такси.
Вкупниот инфраструктурен проект чини околу два милиони евра. Прашуваат зошто општината ги заобиколува и доделува средства за помалку приоритетни инфраструктурни зафати како што е оној во населбата каде живее градоначалникот Коњановски.
Од општината велат дека комплексноста на проектот за кој според нив се платени 20 посто комуналии не дозволува негово едноставно решение. Покрај новата траса треба да се изгради и фекална и атмосферска канализација па затоа потребно е да обезбедат дополнителни извори на средства. Револтираните со став без брзо решение ќе следува колективна тужба.
Стевче Митревски
