ИМЈ „Крсте Мисирков“

8-ма меѓународна конференција во рамки на Отворените денови на Институтот за македонски јазик

28.06.2023 14:50

Во рамки на Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, денеска се одржа 8-ма меѓународна научна конференција „Крсте Мисирков и македонскиот јазик – извор на научни истражувања“. Свое обраќање имаа претседателот на државата Стево Пендаровски, директорката на Институтот Елена Јованова-Грујовска и претседателката на МОО Лидија Тантуровска...

Важно е да го чуваме сознанието дека нашето постоење, јазик, уметност и култура не постојат затоа што се верификувани од другите, туку затоа што се јадрото и самата суштина нашите животи која ни овозможува траење низ времето и просторот, истакна претседателот на Македонија, Стево Пендаровски. Додаде дека наспроти глобалните процеси кои од мноштвото сакат да направат едно, сепак, на светов опстојуваме најмногу затоа што сме Македонци коишто зборуваат на македонски јазик. На маргините на настанот, Пендаровски ја коментираше и изјавата на бугарскиот колега Радев, оценувајќи ја како рециклирана стара бугарска приказна. Пендаровски тврди и дека нови услови од страна на Бугарија не се дозволени.

Јазикот е нашето духовно благо. Оваа мисла на според многумина, најзначајниот Македонец на 20-тиот век и прв кодификатор на македонскиот стандарден јазик, Крсте Петков Мисирков, е водилка во седумдецениското постоење на истоимениот Институт за македонски јазик. Мисирков покажа како треба да изгледа кодифицираниот македонски јазик на почетокот на 20-тиот век и докажа дека перото е силното оружје за посебноста на македонскиот народ и јазик.

Во рамките на отворените денови на Институтот „Крсте Мисирков“, одбележани беа два јубилеја, 70 години од основањето на Институтот и 120 години од објавувањето на книгата на Мисирков, „За македонцките работи“.

 

Марија Котовска