Политика

Гласот за уставни измени е глас за европска иднина, порача Ковачевски од Берлин

28.06.2023 21:20

Македонските евроинтеграции, економската соработка со Германија и декларацијата на Бундестагот за нашиот идентитет, меѓу најзначајните теми на денешната посета на македонскиот премиер Ковачевски на Берлин.

„Дали ќе бидеме и ние во ЕУ, сега зависи само и единствено од нас. Оваа историска шанса која ја имаме, не смееме да ја пропуштиме и треба да го дадеме нашиот глас за Европа, за нашата, за иднината на нашите деца. Гласот во македонскиот парламент за уставните измени е глас за европската иднина на Северна Македонија. ЕУ е нашата единствена цел, а подобар договор од овој пред нас нема, ниту некој може да обезбеди“-нагласи премиерот Димитар Ковачевски вечерва од Берлин, на прес-конференцијата со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Ковачевски и Шолц имаа тет-а-тет средба, а билатерален состанок имаа македонската и германската делегација.

„Сега останува следниот чекор, уставните измени, кои ќе се најдат пред нашето Собрание и нашите 120 пратеници. Очекувам дека тие ќе покажат државничко однесување, ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина, за нас, за идните генерации, за нашите деца. Пратениците се пред сè претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во ЕУ“, изјави премиерот Ковачевски и додаде дека нашата иднина се европските вредности кои ги делиме со нашите пријатели од Сојузна Република Германија.

Ковачевски упати пораки на охрабрување до германските компании да продолжат со експанзија на своите бизниси како силна поддршка на партнерството меѓу двете земји и заедничкиот влог во иднината.

Премиерот упати и благодарност за поддршката која ја добивме и од германскиот народ со усвоената Резолуција од страна на Бундестагот, со што Сојузна Република Германија дава недвосмислено охрабрување на Северна Македонија на евроинтегративниот пат до полноправно членство во Европската Унија.

Годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Германија, кои се карактеризираат со интензивен политички дијалог и значајна динамика на соработка во сите области.