Берлин

Не треба да има нови условувања за пристапните преговори на Северна Македонија, гарантира Шолц

28.06.2023 21:29

Германскиот канцелар Олаф Шолц гарантира дека нема да има други билатерални услови за Северна Македонија на патот кон ЕУ. Тој повикува да се усвојат уставните измени во Собранието.

Пристапниот процес на Северна Македонија треба да биде редовен согласно напишаното на хартија и не треба да има нови условувања, кои се однесуваат на билатералната состојба, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес – конференција со премиерот Димитар Ковачевски, кој е во дводневна официјална посета на Берлин.

Коментирајќи ги најавите од Бугарија дека уставните измени се само првиот од условите што Северна Македонија треба да ги исполни на патот кон ЕУ, Шолц е дециден дека такво нешто не е договорено.

„Ќе бидам јасен. Тоа е јасно договорено, и треба да биде редовен пристапен процес според постапките кои се управуваат од ЕУ. Тоа се работи кои се веќе напишани на хартија и не треба да дојдат други што се однесува до билатералната состојба. Јас гарантирам за тоа“, рече канцеларот Шолц.

Шолц порача дека уставните измени се од централно значење за да се ослободи патот на Северна Македонија кон ЕУ и дека Германија сериозно ја сфаќа ЕУ-перспективата на земјава.