Белград

Во Народниот театар во Белград гостуваше Националната опера и балет со „Госпоѓиците од Авињон“

29.06.2023 09:50

Со претставата „Госпоѓиците од Авињон“ во кореографија и режија на Олга Панго, Македонската опера и балет гостуваше на големата сцена на Народниот театар во Белград. Гостувањето е дел од соработката во рамките на иницијативата Отворен Балкан...

Националната опера и балет гостуваше на Големата сцена на Народниот театар во Белград, со претставата „Госпоѓиците од Авињон“, во кореографија и режија на Олга Панго.

Гостувањето во Белград уследи по потпишувањето на договорот за соработка меѓу Националните театри, опери и балетот во рамки на иницијативата Отворен Балкан и гостувањето во април на македонската опера со Севилскиот берберин.

„Многу сум возбудена што вечерва претставата во моја кореографија и режија, Госпоѓиците од Авињон е на сцената на Народниот театар во Белград. Сите сме многу возбудени, има преубава публика и се надевам дека ќе оставиме добри впечатоци од она што ќе го понудиме, а ова е најдоброто од македонскиот балет со деветте негови првенци“, изјави Олга Панго, кореограф и режисер на „Госпоѓиците од Авињон“.

Од Балетот на Народниот театар во Белград изразија задоволство од реализацијата на Отворен Балкан на културно поле, гостувањето во декември во Скопје со Жизел и вечерашното гостување во Белград на македонската опера и балет.

„Беше навистина преубаво после две децении да гостуваме во Скопје и да се освежи регионалната соработка, чиј заговорник сум, што е една од моите големи стратешки планови и еве сега на задоволство на сите ја затвораме сезоната со претставата „Госпоѓиците од Авињон“ и среќни сме што можеме да бидеме домаќини на ансамблот и на првенците на Македонската опера и балет“, изјави Ана Павловиќ, уметнички директор на Балетот на Народен театар Белград.

Претставата „Госпоѓиците од Авињон“ е балет во девет сцени со врвна авторска и соло екипа. За кореографијата, од жанровска гледна точка, како основа е користен класичниот балет, но изведбата има и модерен, современ шмек.

Музиката ја компонираше познатата македонска пејачка Калиопи Букле, а либретото и драматургијата ги напиша Сашо Димоски, кој ја демистифицира познатата истоимена слика на Пабло Пикасо. Уметниците тргнуваат на неверојатно патување, преку музика и кореографија да ги оживеат судбините на главните женски ликови во животот на познатиот шпански сликар.

Во балетската претстава играа Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Накевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаш Лоцеј, Агим Бафтии и Ендрју Кук.

 

 

Оливер Бранковиќ