Продолжуваат немирите во Франција по убиството на тинејџер
Продолжуваат немирите во Франција откако полицаец смртно застрела тинејџер во Париз. Демонстранти се судрија со полицијата, беше запален и автобус...

Продолжуваат немирите по убиството на тинејџер од страна на полицаец во париското предградие Нантер. Запален автобус во Вири Шатијон, друго предградие на француската престолнина, а судири имаше и во самиот Нантер. 17-годишниот доставувач бил застрелан и убиен при сообраќајна контрола во вторникот. Инцидентот предизвика загриженост низ целата земја и широко распространети пораки на огорченост и сочувство.
Претседателoт Макрон на специјален безбедносен состанок рече дека актите на насилство врз полициска станица, училишта и градски сали се целосно неоправдани.
„Имаше некои акти на насилство против полициска станица, училишта, градски сали, против институциите и републиката. Овие дела се тотално неоправдани и сакам да им се заблагодарам на сите оние кои работеа да ги заштитат овие институции и да го вратат мирот. Ќе зборуваме за заштитата на сите места и институции и за она што се случи и подготовката за наредните денови за да може да се врати целосната смиреност“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Демонстрантите запалија автомобили и згради во париските предградија, а немирите се проширија и во други француски градови и населени места, и покрај зголемените безбедносни напори и повиците за смиреност.
Француските обвинители соопштија дека судии го испитуваат полицаецот што го уби тинејџерот.
Владата распореди 2.000 полицајци за да го одржува редот. Но, насилството продолжи и во текот на ноќта, а полицијата и пожарникарите се мачеа да ги задржат демонстрантите и да изгаснат бројни пожари.
Уапсени се повеќе од 150 луѓе.
Марина Ристова
