Охрид

Невладини организации од други градови го злупотребуваат Охрид, обвинуваат охридските граѓански здруженија

30.06.2023 11:24

За нешто повеќе од два месеци УНЕСКО ќе решава дали Охридскиот регион ќе се најде на листата на загрозени подрачја. Токму во овој период охридски граѓански организации обвинуваат дел од нивните скопски колеги дека го злоупотребуваат Охрид за да добијат пари за своите проекти од европски и светски еколошки фондации кои се однесуваат на охридскиот регион. Притоа тие нудат решенија за маргинални проекти, додека клучните проблеми остануваат...

Охридски граѓански организации обвинуваат дека некои нивни колеги од земјава се заинтересирани само за парите кои ги црпат од европските и другите еколошки фондови за нивните маргинални проекти коишто се однесуваат на Охридскиот регион, а не нудат никакви решенија за клучните проблеми. Нивните активности имаат минимални ефекти врз животот и интересите на граѓаните на Охрид, но затоа пак со извештаите коишто ги испратиле до УНЕСКО и други организации, кои се половично точни му нанесуваат големи штети на заштитениот регион. Дел од нивните ставови се поклопуваат со оние на познати експерти од оваа сфера.

„Неконтролираната урбанизација на град Охрид е основен и главен проблем, урбанизацијата на крајбрежјето, заштитениот стар дел на градот Охрид, урбанизацијата на одредени комплекси коишто не држат место-археолошкиот комплекс „Мауцкер“, тоа се проблеми коишто требаат да се решаваат, а не пеперутките на Галичица, тоа се само чисто мотиви за придобивање на проекти“, изјави Никола Киселинов, член на УНЕСКО Охрид.

Според нив, од реалните проблеми се дефокусираше и последната мисија на УНЕСКО, а на состанокот што го организираше скопска невладина организација имаше само двајца претставници од Охрид, а се разговараше за Охридскиот регион. Понекогаш за проектите во игра се големи пари, при што за охридските граѓански здруженија понекогаш нема ни денар.

„Здружение од Скопје доби некаде околу 540 илјади евра проект за активности на невладините здруженија во регионот. Од тој проект со таа прилично голема сума на буџет ние како здружение буквално не добивме ништо. Бевме вклучени како мали така партнери на друго друштво“, изјави Борче Стојаноски-Еколошко друштво „Грашница“.

Таквите граѓански организации според охриѓани функционираат врз принципот „ќе создадеме проблем, па ќе понудиме решение за да добиеме пари за нашите проекти“.

Сашо Нелоски