Менувањето на полот и истополовите бракови не се третираат со Законот за родова еднаквост, вели Тренчевска
Законот за родова еднаквост овозможува унапредување на женските права, тврди министерката Тренчевска. Според неа, со новите закони никој, ништо не губи, напротив се унапредуваат човековите права. Вели, секој може да протестира, но вистината мора да се знае…

Законот за родова еднаквост е за еднакви можности за жените и мажите и за унапредување на правата на жените, а не за смена на полот или истополови бракови, појаснува министерката за труд и социјална политика Тренчевска по реакциите во јавноста дека со овој закон се дозволува тоа.
„Со Законот за родова еднаквост, ниту се третира менувањето на полот, ниту се третираат истополовите бракови, туку единствено, област на којашто е фокусирана, е подобрувањето на положбата на жените и еднаквите можности на мажите и жените“, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Проблемот се јави со спојувањето на овие два закона, Законот за родова еднаквост и Законот за измени и дополнувањата на законот за матична евиденција, кои третираат различни работи, вели Тренчевска. Појасни дека со измените на Законот за матична евиденција се дозволува на трансродовите лица да добијат смена во матичните броеви, за да можат да добијат соодветни документи, но не се одзема ништо од правата на другите граѓани. Тренчевска вели, измените на Законот за матична евиденција се подготвени по пресудата од Судот за човекови права против државата, по тужба од граѓанин дека 11 години му е ускратено ова човеково право.
„Законот за матична евиденција го третира родовиот идентитет, односно можноста на лице коешто е трансродово лице да може да ја смени дознаката во матичниот број онаму каде што се обележува полот, односно родот женски или машки род. Законот за родова еднаквост не е исто што и Законот за матична евиденција. И, затоа треба да ги одвоиме скроз кога дискутираме за овие два закона“, потенцираше Тренчевска.
Законот за родова еднаквост сè уште е во консултативен процес, не е во владина или собраниска процедура, па може да се чујат сите забелешки за да се дојде до решение кое ќе одговара на целото општество, вели Тренчевска. Треба да се усвои до крајот на годинава. Според неа, легитимно право е да се протестира, но и да се каже вистината за двата закона, изјави министерката, осврнувајќи се на протестот организиран од МПЦ-Охридска Архиепископија.
Ирина Гелевска
