Македонија

Земјава подготви втор Индекс на родова еднаквост

29.06.2023 14:56

Македонија подготви втор Индекс за родова еднаквост. Државата покажа капацитет за унапредување на правата на жените, но постојат области кадешто има можности за нивно поголемо вклучување. Имаме напредок, на добар пат сме да воспоставиме родова еднаквост, вели министерката за труд и социјала Тренчевска. Индексот е можност да се следи прогресот и трендовите низ годините, но и да се направи една компаративна слика со другите земји...

Македонија е втора држава надвор од ЕУ која подготви втор Индекс за родова еднаквост, кој придонесува за натамошно изедначување на правата на мажите и жените во сите области од општеството. Според министерката Тренчевска, имаме напредок, на добар пат сме да воспоставиме родова еднаквост. Вели, државата покажа капацитет за унапредување на правата на жените, но постојат области кадешто има можности за нивно поголемо вклучување. Родовата перспектива во последнава деценија станува приоритетна област во сите сфери на општеството, изјави директорот на Државниот завод за статистика Симовски.

„Родовата перспектива последнава деценија станува приоритет на сите сфери на општеството и токму затоа проектите од овој тип на кои блиску соработуваме со он се исклучително важни за менување на свеста за важноста на родовата еднаквост и за градење мрежа и поврзување на институциите кои треба да ја имплементираат и спроведуваат оваа родова перспектива во своето секојдневно работење“, изјави Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.

Родовата еднаквост е важна за поединците, но и за целото општество, за економијата и просперитетот на државата. Не е цел поголеми права на жените туку исти можности за сите – порачаа говорниците.

„Шведска е партнер кој е засегнат од развојот на Северна Македонија. Горди сме што можеме да ги споделиме нашите приоритети, нашите вредности и да посведочиме за постигнатиот напредок. Сакам да ја нагласам клучната улога на Министерството за труд и важноста да се одржи постојаната заложба за родовата еднаквост и буџетирање во државните институции“, изјави Ами Ларсон Џеин, амбасадор на Шведска.

„Имаме веќе второ издание на индексот на родова еднаквост, што говори за спремноста да се одржи еден континуитет во мерењата на родовата еднаквост во неколку клучни домени коишто на некој начин креираат посоодветна слика за ситуацијата во нашата земја во поглед на родовата еднаквост. Индексот за нас не значи само грубо рангирање во сите овие домени, тој овозможува да се процени што е она што во нашата земја ја унапредува родовата еднаквост и што е она што може подобро да се направи“, изјави Ивона Пауновиќ-Бишевац, национална координаторка на програмата ООН жени.

Надлежните се надеваат дека следниот Индекс на родова еднаквост што ќе се мери ќе даде многу подобри резултати.

 

 

Сунчица Николоска