Денеска промоција на веб-страница за контрацепција на Институтот за јавно здравје и ХЕРА
На прес-конференцијата по овој повод, презентирано ќе биде и националното упатство на Министерството за здравство со кое и семејните лекари и гинеколозите можат да информираат, советуваат и издаваат рецепти за користење модерна контрацепција...

Институтот за јавно здравје и ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување денеска ќе ја промовира веб-страницата за методите на контрацепција.
Станува збор за прва двојазична веб-страница во земјава, која е целосно посветена на контрацептивните средства. Замислена е да биде веродостоен извор на информации на македонски и албански јазик и им е наменета најмногу на младите, но и на сите здравствени работници и соработници кои советуваат за семејно планирање според медицина базирана на докази.
На прес-конференцијата по овој повод, презентирано ќе биде и националното упатство на Министерството за здравство со кое и семејните лекари и гинеколозите можат да информираат, советуваат и издаваат рецепти за користење модерна контрацепција.
На конференцијата за печат ќе зборуваат проф. Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје, проф. д-р Катарина Ставриќ од Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје и Андријана Папиќ Манчева од ХЕРА.
