Зголемен интерес за стручно образование во кумановските училишта
Во кумановските училишта опаѓа интересот за гимназиско образование, а расте за техничките струки. Уписот сè уште трае, а по второто пријавување ќе се направи целосна анализа. На задоволително ниво е состојбата со првачињата во најголемата општина во земјава. Но загрижува што во дел од руралните средини досега има запишано по едно прваче …

Резултатите од уписот на идните средношколци во кумановските училишта покажуваат зголемен интерес за стручно образование, а пад за гимназиско. Во техничкото „Наце Буѓони“ се запишани 322 ученици на македонски и албански наставен јазик, во економското „Перо Наков“ ќе се образуваат намалку 206 ученици. Досега во гимназијата „Гоце Делчев“ се запишани 161 ученик на македонски јазик, а во „Сами Фрашери“ 116 ученици. Од Секторот за образование велат по завршување на второто пријавување ќе се знае детално состојбата за секое училиште.
„Дали кампањите, дали интересот, дали потоа размислување на понатамошно образование и работа, техничка струка е повеќе застапена во споредба со минатите години, дали тоа го направи онаа кампања на МОН „Учи паметно, работи стручно“, малку се зголеми интересот за овие паралелки во техничкото училиште, пред сè и дуалните паралелки исто така, се застапени оваа година повеќе од минатите“, вели Александар Јовановиќ, раководител на Сектор за образование Куманово.
Во шеснаесетте основни училишта во Куманово во мај се запишани вкупни 1.047 првачиња. Уписот продолжува до септември. Голем дел од родители не ги пријавуваат дечињата до предвидениот рок. Лани вкупно запишани биле 1.075. Но во дел од руралните средини досега има запишано и по еден ученик.
„Централните училишта се нормално најоптоварени ги исполнуваат сите оние критериуми по 20-30 ученици во паралелка тоа е максимумот што го дозволува Министерството, но во руралните средини кои се пооддалечени, или имаат подрачни училишта, таму има по еден ученик“, дополнува Јовановиќ.
Идната недела е предвидено да се одржи обука за процесот на оптимизација. Министерството треба да одлучи на кој начин ќе се реши проблемот со малиот број на ученици во руралните средини, дали истите ќе се образуваат во други училишта.
Елена Георгиевска
