Франција

Не стивнуваат насилните протести во Франција по убиството на тинејџерот

30.06.2023 12:48

Трет ден жестоки протести во Франција. Илјадници полицајци на улиците поради избувнување на немири откако полицаец смртно застрела тинејџер во Париз. Уапсени над 600 демонстранти. Макрон повторно свика кризен состанок...

Со несмалено темпо продолжуваат насилните протести во Франција. И не само во француското предградие каде што беше убиен седумнаесетгодишникот, туку и во Марсеј, Вилербан, Сент Дени. Во Вилербан е уништен трамвај, патниците бегаа во паника од возилото.

„Возачот ја отвори задната врата на трамвајот, сите побегнавме до првото засолниште. За среќа, сите сме безбедни, но исплашени си одиме дома“, вели патник.

„Страшно, што ќе се случеше ако возачот не ја отвореше вратата?!“- вели патничка.

Во средиштето на искрснатиот проблем, во Нантер се слушаат пукотници. Полицијата ги апси демонстрантите. Тие возвратија со молотови коктели и со запалување на паркираните возила. Полицијата поради нередите мораше да мобилизира над 40 илјади службеници.

Пред да замине на самитот на Европскиот совет, шефот на француската држава Макрон претседаваше со кризниот штаб, втор откако почнаа насилните демонстрации. Упати повик за смирување, протестите ги нарече неоправдани. Досега се уапсени над 1.500 демонстранти. Во Сент Дени гореа автобуси, во местото Пантен, патници разочарани и гневни на насилствата.

„Не е нормално. Плаќаме за сево ова. Сега нема да имаме автобуси некое време. Има и други начини за да се решат работите освен да се палат автобуси“, вели жителка на Пантен.

Повеќемина полицајци низ Франција се повредени, во повеќе предградија на Париз беше воведен полициски час. Според разузнавачките извори на надлежните, во следните ноќи повторно е најавено урбано насилство. Цел се полицијата и државните симболи, велат полициските извори.

 

 

 

Зоран Богатинов