Тенис – Мастерс 1000 Рим

Ѓоковиќ пак победува во Рим!

17.05.2014 18:18

Новак Ѓоковиќ не губи во полуфинале во Рим, но за петтиот меч за трофејот во „вечниот град“ му беа потребни и среќа и тенис на високо ниво. Србинот со 2:1 се извлече против Милош Раониќ затоа што Канаѓанецот го одигра најдобриот дуел сезонава и сигурно најквалитетен во кариерата на земја.

Единствената тактика со која што можеше да му се закани на вториот светски рекет, Раониќ ја реализираше речиси два сета. Со одличен сервис и со агресивен напаѓачки стил, Раониќ ги чуваше своите гемови и дојде до посакуваните тај – брек разврски. Во првиот сет беше поуспешен со 7:5, но во вториот беше сопрен со најквалитетниот елемент на Ѓоковиќ, ритрнот. Српскиот тенисер беше трпелив, знаеше дека Раониќ нема да може постојано да сервира прецизно и дека нема да го погодува секој напаѓачки форхенд, па благодарение на стопроцентниот пасинг – шот, во само два гема го сврте мечот.

Откако ја доби 13-та игра за 1:1, Србинот направи брејк во првиот гејм во решавачкиот сет којшто го потврди и во последниот за триумфални 6:3. На Ѓоковиќ му беше важно да не подарува поени, па направи 16 неизнудени грешки или 26 помалку од Раониќ чиишто 55 винери останаа без ефект.

Србинот кој единствен во последните девет години двапати ја прекинуваше доминацијата на седумкратниот шампион и рекордер во Рим, Рафаел Надал во третото местерс финале сезонава или 29-то во кариерата ќе игра со победникот од дуелот меѓу најдобриот во светот и бугарското изненадување, Григор Димитров.