Жители на три кумановски села бараат итна реконструкција на патот
Жители на три кумановски села бараат итна реконструкција на патот кој е во исклучително лоша состојба. Велат интерес за враќање во селата има. Има и млади кои се занимаваат со сточарство и земјоделство, но нема основна инфраструктура. Од општината одговараат се работи на решавање на овој проблем...

Жители на кумановските села Новосељане, Косматац и Мургаш бараат да се уреди локалниот пат. Велат интерес за враќање во селата има. Голем дел од нив се занимаваат и со сточарство и земјоделство, но нема основна инфраструктура. Реагираат дека од досегашното површно санирање, ги оштетуваат автомобилите.
„Ако се направи велат луѓето дека ќе се враќаат, ќе направат викендици, куќите да ги обноват. Сега моментално не може да се помине во Новосељане со автомобил. Колата ја уништив целосно, водата многу надојде, ако се направи патот сигурно ќе биде многу добро“, вели Чедо Тасевски, жител на с. Косматац, кумановско.
„Тешко се поминува колите ги искршивме, некои со трактори не влечат кога ќе заглавиме. Многу луѓе би доаѓале доколку има пат, инфраструктура е многу лоша. Има повратници летово пособено“, дополни Горан Николовски, повратник во с. Косматац, кумановско.
„Без пат, вода ништо не бидува. Имам бушотина 75 метри а нема селото да се наводнува, да се направи водоводна мрежа, да има волја некој да работи. Земјоделство, сточарство, чувам свињи, крави, 20 хектари земјиште, механизација-нагласува Живко Тасевски“, жител во село Косматац.
Од одделението за комунални дејности при Општина Куманово информираат дека веќе се работи на решавање на овој проблем. Изработена е техничка документација, одобрение за градба и распишана тендерска постапка од Европската инвестициска банка. Реконструкцијата ќе се одвива паралелно со санации на уште неколку локации. Изведувачот би требало да се избере за најдоцна еден месец. Патот велат е во должина од пет километри.
Елена Георгиевска
