Започна првата расправа во постапката за помирување помеѓу УЈП и „Солидарност“
Во Управата за јавни приходи денеска започна процесот на помирување помеѓу УЈП и синдикалната организација „Солидарност“ со посредство на м-р Илија Манасиев во однос на барањето за зголемување на платите на вработените за 30 проценти...

Почна процесот во постапката за помирување помеѓу Управата за јавни приходи и гранковиот синдикат. Оптимист сум дека и овој спор ќе заврши со позитивен резултат-оцени новиот медијатор Илија Манасиев. Тој посочи дека очекува разбирање од двете страни и дека самиот процес ќе заврши во рамките на законски предвидените рокови.
Претставникот на „Солидарност“ изрази убедување дека со помирувањето ќе се дојде до одлука за согласност за потпишување колективен договор со којшто вработените би ги оствариле своите права.
„Состојбата со платите е таква што тие се за 30 проценти помали од утврденото во постоечкиот колективен договор. Убеден сум дека помирувачот доследно ќе ја заврши работата. Секоја одлука надвор од посочената рамка ќе претставува автоматски почнување со генерален штрајк. Тоа е состојба на која уште од самиот почеток укажувавме дека не е пожелна“, изјави Васе Недановски.
Директорката на УЈП, Лукаревска, со став дека не сака ниту да помисли дека може да дојде до такво нешто.
„Процесот на преговарање е доволен доказ за да не дојде до генерален штрајк. Не ни сакам да помислам дека ќе дојде до тоа. Овој проблем што произлезе ќе биде и соодветен предизвик и очекувам дека на крајот ќе имаме резултати. И УЈП како работодавач и репрезентативниот синдикат сме биле на иста страна во тоа што значи унапредување на УЈП и остварување на работничките права“, изјави Сања Лукаревска.
Одлуката за генерален штрајк требаше да стапи во сила на 27-ми месецов, но беше пролонгирана поради назначувањето нов помирувач во процесот. Вработените во УЈП секој ден одржуваат двочасовни протести на своите работни места.
Марина Стојанова-Тонева
