Туризам

Културно историското наследство на Охрид магнет за странските посетители

01.07.2023 12:01

Културно историското наследство на Охрид е магнет за странските туристи од кои повеќето не ја пропуштаат можноста да ги посетат охридските музеи. Еден од најпосетуваните е „Куќата на Робевци“ каде што е поместена археолошката поставка, при што на едно место можат да се видат предмети од праисторијата, антиката и средниот век...

Културно историското наследство на Охрид е еден од главните адути за привлекување на странски туристи. Тоа го покажуваат и статистичките податоци по отворањето на туристичката сезона, при што голема посетеност бележат и охридските музеи, од кои најзначаен е „Куќата на Робевци“. Поставките во овој музеј во мај ги виделе 5 пати повеќе посетители од лани, од кои над 80 проценти се странци. Мај е месец кога ученичките и студентските екскурзии ја зголемуваат посетеноста, но и бројките во јуни не се за потценување.

„Во јуни веќе ги немаме ученичките посети, но повторно споредено со ланската година, со јуни 2022 имаме до вчерашен датум нешто повеќе од двојна посетеност споредено со лани, што е уште еден добар показател за интересот“, изјави Атанас Кипро, археолог во Завод и Музеј Охрид.

Во Куќата на Робевци има три главни поставки меѓу кои една од најинтересните е археолошката, бидејќи тука се изложени предмети од најразлични епохи, поточно од 7 милениум пред новата ера па се до почетокот на 15 век. Секако тука се издвојува Златната соба каде што е изложена златната маска којашто беше откриена во 2002 година на локалитетот Горна Порта.

„Во таа таканаречена Златна соба се изложени вкупно 513 предмети кои се главно од злато, помал дел се позлатени со различна хронолошка припадност од 7 век пред новата ера, а и одреден број монети, односно стари пари од злато и легура на сребро и злато“, изјави Атанас Кипро, археолог во Завод и Музеј Охрид.

Големиот интерес на странците укажува дека повеќе треба да вложуваме во промоцијата на културниот туризам, бидејќи Охрид во светот е препознатлив и како најзначаен македонски културно-историски центар.

 

Сашо Нелоски