Струмица

Презентирани можностите на Европската младинска фондација во Струмица

01.07.2023 12:09

Претставници од Европската младинска фондација при Советот на Европа ги презентираа можностите за поддршка на младите и младинските организации во Струмица. Поддршката ќе биде за интернационална соработка и за реализација на локални проекти кои ќе го унапредат демократијата во земјава...

Младите од земјава користат средства од европските фондови но ќе мора да бидат поактивни и да ги користат бенефитите од Европската младинска фондација. Вака потенцираше Гордана Берјан од Фондацијата која во Струмица беше дел од обуките за пренесување на искуства поврзани со европската младинска соработка.

„Една од можностите е аплицирање за средства од Европската младинска фондација, која ги поддржува иницијативите на младите луѓе за да развиваат интернационална соработка, локални проекти во демократијата, кои се од голема полза за нив за да градат подемократско општество“ кажа Берјан.

Советникот на премиерот за младински политики Ѓорѓи Тасев подвлече дека се отвораат нови можности за формите на младинско организирање но и за добивање на одреден финансиска поддршка од европските фондови кои ќе го унапредат демократското општество.

Во земјава наскоро ќе треба да излезе националната стратегија за млади во која се детектирани потребите на младите и младинските организации при што еден од акцентите е и вмрежувањето со партнери од ЕУ.

 

Ване Трајков