Случај „Феникс“

Куќен притвор за Тодоровиќ, 30-дневен за Здравев за злоупотреби со спомениците од „Скопје 2014“

01.07.2023 12:45

Поранешниот градоначалник на центар Владимир Тодоровиќ по четири часа распит во Кривичниот суд за случајот „Феникс“, доби куќен притвор. Осомничен е за злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари за набавката на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“. Во „Феникс“, осомничени се 15 лица и 7 компании. Проневерени биле околу 60 милиони евра...

По 4 часа распит во скопскиот Кривичен суд, судија на претходна постапка на екс градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ му одреди мерка куќен притвор. Тој по распитот рече дека не се чувствува виновен за делата што му се ставаат на товар. 30-дневен притвор за случајот „Феникс“, за злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари, за набавката на 11 споменици од проектот „Скопје 2014“ заработија 3 лица, меѓу кои и поранешниот претседател на советот во Центар, Владимир Здравев. Еден осомничен доби куќен притвор, а по уште едно лице се трага.

Повеќе поранешни функционери се дел од истрагата на јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, од каде што информираа дека биле проневерени околу 60 милиони евра. Опфатени се 15 физички и 7 правни лица. Меѓу осомничените, покрај македонски државјани има и државјани од Италија.

Првоосомничен е екс премиерот Груевски, а за злоупотреба на функцијата се товарат и поранешните министри за финансии и за култура. За проектот „Скопје 2014“ поднесени се две кривични пријави, првата е пред 10 години. Приведувањето од полицијата уследило по дојави и информации дека осомничените ќе се обидат да ја напуштат земјата, велат од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Обидите да се дефокусираат криминалот и корупцијата на власта на ДУИ и СДС со вадење од нафталин теми од пред 10 или 15 години нема да им помогне ниту на СДС, ниту на Ковачевски, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа што молчат за бизнисите на Груби, Ахмети, но и за своите луѓе, само покажува колку се лицемерни.

ДПМНЕ, со години переле пари со злоупотреба на службена положба и овластувања преку проектот „Скопје 2014“. Со криминал, наместени тендери и злоупотреби, врз грбот на граѓаните, си обезбедиле финансиски средства од 57 милиони евра, возвратија од СДСМ. Според социјалдемократите, уште еднаш се потврди дека ДПМНЕ е најкриминална партија, на која власта и служи за богатење врз грбот на народот.

 

Милчо Велески