Политика

Разговори со пратениците за уставните измени

01.07.2023 13:06

Иницијативата за Предлог-уставни измени сè уште чека на владината седница. Министерот за надворешни работи Османи вели дека ќе бидат испратени во Собранието кога на сите пратеници ќе им биде објаснета неопходноста од менување на највисокиот правен акт. Уверува дека не се врши притисок врз народните избраници...

Уставните измени сè уште се во Владата,а ќе стигнат во Законодавниот дом кога на сите пратеници ќе им биде објаснета неопходноста од менување на највисокиот законодавен акт – изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој смета дека разговорите со пратениците не претставуваат притисок, туку објаснување дека Европската унија е расположена за прием на нови членки, и земјава треба да влезе во брзата лента на интеграции. Ако го пропуштиме овој момент, појаснува Османи остануваме во групата со Босна и Косово каде ќе треба да се решаваат сите билатерални спорови.

И додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ уставните измени ги стави во делот на затворени прашања бидејќи нема за нив да гласа, како што велат под диктат на Бугарија, министерот Османи пак вели дека и во опозициската партија има линија која е за уставни измени.

Единствено бугарските радикали, смета Османи не се за уставни измени во земјава бидејќи договорот со Бугарија не е дел од патоказот на земјава за влез во Европската унија. Шансата која сега стои пред земјава за побрз влез во ЕУ, вели првиот дипломат, не смее да се испушти.

 

Миле Ристески