Против Полска – немоќни!
Очекуван пораз на македонскиот одбојкари од Полска, во вториот натпревар на квалификацискиот турнир за европското првенство во 2015-та.

Домаќинот лесно и брзо ја оправда фаворитската улога и победи со 3-0. Ако против Словенија вчера изненадивме со освоените два сета и со водството од 2-1, против Полска денеска нашиот национален состав немаше никакви шанси. 25-13 во првиот, 25-15 во вториот и 25-15 во третиот сет за Полјаците кои досега имаат максимален ефект, исто како и Словенија која се намачи против Летонија, но сепак победи со 3-2, иако двапати губеше. Тоа значи дека утрешниот дуел меѓу Полска и Словенија е еден од двата решавачки за првата позиција во групата, со тоа и за пласман на континенталниот собир. Ние, пак, најверојатно ќе играме со Летонија во битка за третото место во групата од којашто ќе има уште еден турнир, веќе наредниот викенд во Словенија.
