МЗТ и Работнички ја задржаа домашната предност

17.05.2014 21:20

Актуелниот македонски шампион и нашиот најтрофеен тим не ја пропуштија шансата на свој паркет победнички да ја отворат полуфиналната фаза од разигрувањето за титулата во нашето кошаркарско првенство.

МЗТ Скопје ја совлада Лирија со 100-81, а Работнички беше подобар од Куманово со 88-81. Тоа значи дека уште во вторник, во вторите пресметки од серијата, вечните ривали може да закажат меѓусебен дуел во финалето од годинашниот шампионат. Со триумфи на Лирија и на Кожув, пак, ќе има мајсторки на домашен терен на МЗТ и на Работнички.

Иако ослабената Лирија беше достоен противник до средината на третиот период, кога МЗТ Скопје почна да игра во повисок ритам, бројките на семафорот во арената „Борис Трајковски“ во Скопје илустрираа очекуван расплет. На крајот екипата од Аеродром победи убедливо со 100-81 и го задржа „ореолот“ на домашната сцена. Гечевски даде 21, Чековски 19, а Дамјан Стојановски 17 поени во победничкиот табор во којшто имаше уште тројца двоцифрени кошаркари. Мала утеха за Лирија е тоа што Нешовиќ со 27 коша беше прв стрелец на мечот.

Во салата во Градски парк“ вечерва, Работнички постојано водеше против Кожув, но разликата не беше голема и му овозможуваше на гостинскиот тим да се надева на „брејк“. На полувремето беше 45-44 за Работнички во чиишто редови незапирливи беа Красиќ и Икониќ. Двајцата дадоа вкупно 54 поени, Красиќ 29, Икониќ 25. Значаен придонес за победата имаше и центарот Кнежевиќ со 15 коша и со дури 19 скока. Брчков со 12 поени беше четврти стрелец во конкуренција на осум домашни играчи кои ја пратија топката меѓу мрежичките. Кај Кожув, реализираа сите играчи кои добија шанса да истрчаат на паркетот. Со по 19 коша најефикасни беа Чупковиќ и Пековиќ. Пенов изброја 15, а Филиповиќ 10 поени.

Наредниот кошаркарски пренос на Македонаоската телевизија ќе биде токму од оваа полуфиналната низа меѓу Работнички и Кожув. Во вторник, на Собранскиот сервис, од 19 и 30 ќе бидеме во салата „26 Април“ во Гевгелија.