Средба Николовски – Мамадов
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во рамки на 43 Конференција на ФАО во Рим, одржа билатерална средба со министерот за земјоделство на Азербејџан, Мајнун Мамадов...
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во рамки на 43 Конференција на ФАО во Рим, одржа билатерална средба со министерот за земјоделство на Азербејџан, Мајнун Мамадов. На средбата министерот Николовски упати честити до својот колега Мамадов за новата функција, посакувајќи успешна работа и соработка меѓу двете држави.
Азербејџан е традиционална земја пријател и партнер на Северна Македонија, па на средбата двајцата министри разговараа за зајакнување на меѓусебната соработка во делот на земјоделството. Посебен интерес на средбата предизвика процесот за консолидација на земјоделското земјиште. Министерот Николовски го сподели со својот колега Мамадов искуството за успешно спроведување на процесот за консолидација на земјоделското земјиште и изведбата на нова земјоделска инфраструктура, решавајќи ги проблемите со малите фрагментирани парцели, кои оневозможуваат примена на современи технологии и унапредување на производниот процес.
Министерот Николовски упати покана за посета на Северна Македонија до својот колега, за да можат одблиску да го видат процесот на консолидација на земјоделското земјиште.
Северна Македонија е земја лидер во регионот по спроведување на процесот за консолидација на земјоделското земјиште. Претходниот проект за консолидација Маинланд заврши со 99% реализација и консолидирани земјишни парцели во 9 подрачја: Конче, Егри, Логоварди, Оптичари, Трн, Дабјани, Кожле, Соколарци и Спанчево.
