Одбојка

Летонија – шанса за прва победа!

18.05.2014 14:05

Македонските одбојкари денеска ќе играат со Летонија, во третиот натпревар на квалификацискиот турнир за Европското првенство во 2015-та.

По двата пораза со Словенија и со Полска, избраниците на Жарко Ристовски во дуелот со Летонците би требало да влезат од рамноправни позиции, иако нашиот следен противник остави добар впечаток во претходните два настапа во Вроцлав. Идентично како и нашиот национален состав, и летонскиот има два пораза. Против домаќинот Полска не даде посилен отпор, а против Словенија вчера одигра одлично, двапати водеше, но на крајот сепак загуби со 3-2.

Македонија остави сличен впечаток. На отворањето во петокот против Словенија освои два сета, даде силен отпор, имаше предност од 2-1 во сетови, но и тоа не беше доволно за триумф против Словенците, кои важеа за фаворити. Вчера против Полска немавме никакви шанси.

Во другиот меч од третото коло во нашата група, Полска ќе се сретне со Словенија во дуелот на селекциите што ќе се борат за првото место, со тоа и за пласман на континенталниот собир во Италија и во Бугарија. Ако се анализираат досегашните четири средби, Полска е фаворит за лидерската позиција, Македонија и Летонија покажаа дека се во добра форма, па победниот од оваа меѓусебна пресметка ќе ги задржи шансите дури и за трка со Словенија за второто место што обезбедува бараж. Покрај квалитетот, во прилог на Словенците оди и фактот што тие се домаќини на вториот турнир во групата што е закажан за наредниот викенд.