Голема операција во бегалскиот камп Џенин, неколкумина Палестинци убиени
Според Израел, цел на операцијата е упориштето на милитантите, како и терористичката инфраструктура...
Израелската војска спроведе голема воена воздушна и копнена операција во бегалскиот камп Џенин во западниот брег. Употребени дронови и трупи, неколкумина Палестинци се убиени, има и повредени. Според Израел, цел на операцијата е упориштето на милитантите, како и терористичката инфраструктура.
„Целта на операцијата која почна во текот на ноќта беше да го погодиме гнездото на теророт. Важно е да се разјасни – ние не се бориме против палестинците, ние се бориме против иранските терористички гранки во регионот. Палестинскиот исламски џихад и Хамас, финансирани од Иран чија цел беше да ја нападнат регионалната стабилност. Средствата што доаѓаат од Иран го претвораат бегалскиот камп Џенин во епицентар на теророт“, изјави Ели Коен, министер за надворешни работи на Израел.
Ова е најголемата воена операција на Израел на палестинска територија во последните неколку години. Коен го нарече нападнатиот логор Џенин центар за терористички активности. Од баталјонот Џенин, во којшто има борци од палестинските групи Фатах, Хамас и Исламски џихад рекоа дека до последен здив ќе се борат против окупаторите.
Палестинците го осудија насилството. Кампот Џенин и соседниот град со исто име беа на удар кога израелско-палестинското насилство ескалира од пролетта 2022 година. Војниците ја спроведуваат операцијата во време на зголемен домашен притисок за остар одговор на серијата напади врз израелските доселеници – вклучувајќи го и нападот со пукање минатата недела во кој загинаа четири лица.
Марина Ристова
