Ново дерби за нова титула
Постоењето на две суперсили во нашиот машки ракомет ги исклучува можностите за изненадување, па Вардар и Металург ќе играат за пехарот во 22-то издание на ракометниот куп на Македонија.

Финалето е во салата „Билјанини извори“ од 17 и 45 (пренос на МРТ 1) во којашто двата големи ривала вчера се загреваа против преостанатите учесници на завршниот турнир. Вардар го совлада Пролет со 30-21, а Металург беше поуспешен од Зомимак со 31-25.
Нијансите ги решаваат дерби пресметките од овој тип. Во нив традицијата не мора ништо да значи, но секако дека е показател. Сезонава екипите што се наша ракометна гордост одиграа шест натпревари, по два во Лигата на шампионите, во СЕХА и во домашниот шампионат. Ракометарите на Металург имаат три победи, Вардар две, а една средба заврши нерешено. Оттука, можеби психолошката предност ќе биде на страна на тимот од Автокоманда кој ја има првенствената титула в џеб, а доколку слави денеска во Охрид, тогаш петтипат ќе се радува на куп-пехарот, ретпат во последните пет години ќе се закити со двојна круна. Поразот повеќе ќе им тежи на вардарци затоа што во таков случај ќе останат без домашен трофеј сезонава. По радоста во СЕХА лигата, деветтиот клупски триумф во Купот на Македонија на најдобар начин би ја заокружил сезоната, без оглед што во првенството Металург треба само да го формализира искачувањето на тронот.
И ова ракометно уживање ќе Ви го овозможи Македонската телевизија. Пренсоот е на Првиот програмски сервис, од 17 и 40.
