Пензионерите бараат проширување на позитивната листа и современа терапија
Пензионерите изгорени од скапи лекови. Бараат проширување на позитивната листа и современа терапија. Велат, во моментов месечно издвојуваат и до три илјади денари. Министерството за здравство уверува дека процесот е во финална фаза. Ќе има и нов правилник...

Пензионерите бараат проширување на позитивната листа на лекови и на неа да се најде нова и поиновативна терапија за која во моментов месечно издвојуваат по две до три илјади денари. Во последните неколку години, пензионерите оствариле неколку средби со здравствените власти, но велат, сè уште чекаат за надминување на проблемот.
„Во практика се случува тие да отидат на лекар и лекарот да им даде лек кој по негово мислење е поквалитетен, но и поскап и кога ќе отиде во аптека пензионерот да го купи мора да издвои една голема сума еден голем дел од неговата пензија што за него тоа е еден голем проблем. Интенцијата е и нашето барање е на таа листа може да се извадат некои лекови кои условно да речеме не се толку значајни, а на нивно место да се стават лекови кои ќе значат живот, односно лекови кои ќе спасуваат живот“, изјави Станка Трајкова, претседател на Сојуз на здруженија на пензионери.
Пензионерите велат дека од оваа состојба најмногу се погодени оние со примања од 12.000 денари.
Од Министерството за здравство велат дека процедурата за ажурирање на позитивната листа е во финална фаза. Ќе има и нов Правилник.
„Со правилникот е уредена транспарентна постапка и воведени се критериуми што треба да бидат исполнети за да може лекот да биде дел од позитивната листа. Следен чекор е фармацевтските компании да пројават интерес за поднесување на барања, согласно уредената постапка и во согласност со критериумите за ставање лек на позитивна листа“, велат од Министерството за здравство.
Позитивната листа на лекови не е ревидирана повеќе од една деценија. Наместо нови, на неа има лекови кои се застарени, со години не се произведуваат или се исфрлени од употреба во многу земји.
Андријана Ѓурческа
