Немил настан ја потресе скопска Гинекологија
Родила здраво машко бебе, па се фрлила од прозорец на првиот кат на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје. Немил настан го потресе здравството. 39-годишна скопјанка во критична состојба префрлена на КАРИЛ, пред обидот за самоубиство се пожалила на вознемиреност...

Родилка од Скопје, откако родила здраво машко бебе, се фрлила од прозорец на првиот кат на Клиниката за гинекологија и акушерство.39-годишната пациентка го преживеала падот. На 28-ми јуни пациентка била примена на клиниката поради крвавење во последниот триместар од бременоста, по што за 15-тина минути била породена со царски рез. Два дена по оперативниот зафат се пожалила на вознемиреност, по што со неа разговарал клиничкиот психолог и била дадена соодветна терапија. Наредниот ден се чувствувала подобро, но веќе во неделата повторно ги пријавила истите симптоми.
„Ноќта околу 21.30 часот пациентката од болничката соба се упатила кон ходникот на одделот за Пуерпериум и преку прозорецот во ходникот направила обид за суицид, фрлајќи се од првиот кат“, информираше Јетон Шакири, организациски директор на ГАК.
Директорката на ГАК, Јовановска, рече дека пред немилиот настан дежурните лекари извршиле разговор со родилката и дека донесена е одлука, за подобра проценка на состојбата пред испис да се повика психијатар.
„Пациентката не сакала да го дои бебето, била лесно вознемирена, но тоа не е првпат да се случува. Зборувавме со директорот на психијатрија, да доаѓа некој лекар оттаму еднаш неделно, за почеток, за да разговара со мајките, но не знам како ќе го прифатат пациентките. Многу пати пациентките се повредени кога им велиме да разговараат со психолог“, рече Јовановска.
Во моментов пациентката се наоѓа на КАРИЛ во тешка здравствена состојба. Новороденчето е живо и здраво. Ова е прво дете на 39-годишната скопјанка.
Марина Стојанова Тонева
