Европа

Насилството во Франција се смирува

03.07.2023 15:02

Во текот на петте ноќи и исто толку денови на насилство во Франција, директните жртви на пожари, штети или кражби се бројат во илјадници. Биланс кој го надминал оној од немирите од 2005 година, кои траеја три недели. Последните две ноќи насилството започна да се смирува, ноќеска се уапсени само 157 лица, и имало 352 инциденти.

Насилството во Франција веќе нема многу врска со смртта на младиот Нахел М., убиен од полицаец во Нантер во вторникот, на 27 јуни. Од петокот, 30 јуни, немирите што зафатија стотици големи и мали градови во Франција ја променија природата, со невиден интензитет, екстремни нивоа на насилство, грабежи на продавници со луксузна стока, напади врз јавните служби, против државните службеници, против избраните политичари и, конечно, неколку илјади директни жртви на пожари, насилство, штета или кражба.

„Од вторникот ноќите беа тешки за сите жителки и жители на нашиот град, за младите и децата. Насилството по смртта на Наел е неприфатливо. Од почетокот рековме дека насилството не води никаде“, изјави Патрик Жари, градоначалник на Нантер.

За пет ноќи и исто толку денови насилство, билансот го надмина, според мислењето на повеќе извори, оној на немирите од есента 2005 година, кои траеја три недели.

Бројките даваат само приказ на тие многу долги часови кога групи на бунтовници ги зазедоа нивните населби – нешто што се случило порано. Но, тие ги нападнаа и јавните служби или деловните субјекти во центрите на градовите, предизвикувајќи паника во Марсеј, Лион, Тулуз или Стразбур, понекогаш удавени во солзавец, звук од експлозии и мирис на пожари. Ноќе, но и среде бел ден, и покрај значителната полициска мобилизација, со повеќе од 40.000 државни службеници, вклучително и специјалните единици како што е онаа на полицајците од RAID или жандармите на ГИГН, и употреба на оклопни возила на жандармеријата.

До неделата на 2 јули, МВР изброи повеќе од 5.000 изгорени возила, 10.000 пожари на контејнери за ѓубре, речиси 1.000 изгорени, оштетени или ограбени објекти, 250 напади на полициски станици или жандармерии, над 700 повредени меѓу полицијата. Огнено оружје, особено, беше употребено против полицијата во квартот Писевин во Ним, каде што елек отпорен на куршум на полицаец блокираше проектил од 9 милиметри.

Досега невидено, насилниците ги нападнаа и избраните функционери-политичари, означувајќи дополнителна фаза во радикализацијата, како во Л’Хе-ле-Роз (Вал-де-Марл). Во овој град, градоначалникот, Винсент Жанбрун, бил директна цел на напад со запален автомобил во неговото дворно место: автомобил бил фрлен во неговата куќа, а потоа запален, принудувајќи ја неговата сопруга и двете мали деца да побегнат.

Овие немири сведочат за форма на ултранасилство. Вклучувајќи ги и градовите со средна големина. И многу подалеку од големите урбани метрополи. „Видовме на протестите деца од 14 години, па дури и од 12 години.

„Најнапред, дојден е моментот да се констатира враќање на јавниот ред. Не е сè завршено. Полицијата и жандармеријата на барање на претседателот ќе останат крајно мобилизирани идните ноќи. Иако констатиравме дека минатата ноќ беше мирна со одредени исклучоци“, рече Жералд Дарманан МВР Франција.

Министерот за правда Ерик Дупон-Морети уверува дека не треба да се носат нови закони под влијание на емоциите. Откако од левицата е побарано укинување на законот од 2017 година, кој се однесува на јавната безбедност, и кој дозволува полесна употреба на оружје од силите на редот. Министерот за правда смета дека секогаш е „многу лошо да се донесува закон под влијание на емоции“.

„Не сум против ништо. Приоритет во моментов е враќањето на републичкиот поредок. Потоа ќе имаме целосна анализа и ќе извлечеме одреден број на последици од тоа“, изјави Ерик Дупон-Морети, министер за правда.

На крајот нас април, претседателот Емануел Макрон ветуваше враќање на републиканскиот ред за сто дена, после жестоките демонстрации против реформата на пензискиот систем. Сто дена подоцна, Франција воопшто не се врати во мир и спокој, напротив. Протестите во предградијата покажаа дека голем дел од француското население е незадоволно од ситуацијата во којашто се наоѓа. На претседателот Макрон не му останува многу време, ниту простор за маневри за да се извлече од оваа тешка ситуација, мислејќи на тоа што ќе остави во Франција по неговото заминување. Барем засега неговиот биланс на внатрешен план се покажува како доста негативен.

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ