Првиот музеј во Македонија се наоѓа во Струга
Никола Незлобински уште во 1928 година го втемелил Природонаучниот Музеј во Струга
По повод Меѓународниот ден на музеите Музејот „Д- р Никола Незлобински“ преку изложба пред јавноста ги презентира двата археолошки локалитети кои се наоѓаат во срцето на Струга. Никола Незлобински кој уште во 1928 година го втемелил Природонаучниот Музеј во Струга, а со тоа започнала и музејската дејност во Македонија. Музејот „Д- р Никола Незлобински“ оваа година со голема посветеност ја продолжува повеќедеценската традиција на одбележување на овој значаен ден.
Музејот во Струга работи на два големи локалитети кои се истражени, но за жал јавноста немала можност истите да ги види. Од овој аспект, музејот Никола Незлобински направи изложба, за да ја презентира на струшката, културната јавност, па дури и на научната јавност сите артефакти кои досега се пронајдени таму.
„Станува збор за два археолошки локалитета, едниот е „Устие на Дрим“ праисториска наколна наслеба, а вториот локалитет е една „Хелинистичка некропола“ која своевремено била откриена во самиот центар на Струга. Локалитетот на „Уста на Дрим“ тоа е денешниот истек на Дрим, тоа е стар термин кој го презедовме, но и стружани го знаат како „Уста на Дрим“ ние го прифативме, но и науката го прифати како таков и се наоѓа точно на истекот на Дрим. Шеесеттите години кога е истражуван тој локалитет делумно е истражен и има уште простор што треба да се доистражи. За жал не можеме целосно да го истражиме зашто тука на кејот има издигнато некои градби односно тоа истражување поделикатно оди. Освен овој археолошки матерјал кој го презентираме ние ќе имаме и една документарна граѓа, односно ќе изложиме документарен матерјал од фотографски снимки кои се правени тогаш. Тоа е работено кога е одлучено реката, односно течението да се стави во некаков тек“, објаснува Сашо Цветковски Директор на Природно- научниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ во Струга.
Музејот во Струга е всушност и првиот музеј основан во Република Македонија.
Во 1926 година во Струга пристигнал доктор Никола Незлобински да ги лекува стружани од маларија. Од природните убавини, артефактите кои ги пронашол тука под ова поднебје но и флората и фауната го натерале да ги смести во едно, поточно во 1928 година да го отвори и првиот музеј во Р. Македонија во Струга.
Еден од локалитетите кој беше презентиран е многу интересен за стружани, бидејќи некои и воопшто не се информирани дека во самата струшка чаршија постои таков локалитет:
„Локалитетот на „Карѓулевци“ е интересен бидејќи е во самиот центар на Струга, во центарот на старата чаршија. Многу малку знаат дека тука постои таков локалитет тоа е многу интерсен хеленистички локалитет со луксузни наоди, керамички наоди кои говорат за еден инпорт. Тие не се овде произведувани, туку се увезувани од големи хеленистички центри. Тука се чувале етерични масла, темјан, се чувале некој пофини нешта, така да тоа служело за луксуз, а не за секојдневен живот. Семејстветото Караѓулевци тука живеело, куќата тогаш е срушена“, потенцира Директорт Цветковски.
Меѓународниот ден на музеите е прослава што во светот од 1977 година па наваму традиционално се организира на 18 мај.
Јованчо Наумовски